25/11/2024
Македонија

Шекеринска: Со новиот План за интегритет оставаме нула простор за корупција во одбраната

Министерството за одбрана го донесе вториот План за интегритет за периодот 2021 – 2024 година, кој претставува една од клучните антикоруптивни политики и е практично алатка со која се остава нула простор за корупција во одбраната.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната презентација на Планот за интегритет посочи дека Министерството и досега беше исклучително активно на полето на отчетноста и транспарентноста, кои се основа за ефикасна и отчетна одбрана.

„Во 2020 година бевме прво Министерство во нашата историја кое што стана лидер според активната транспарентност, а годинава ова прво место не само што го задржавме, туку успеавме да постигнеме 100 – процентен резултат во поглед на критериумите според кои се оценува активната транспарентност. Оваа активна транспарентност е исклучително важна зашто е една од најсилните алатки за отвореност, отчетност и за борба против корупцијата. Одлични резултати покажавме и на мерењето на интегритет на одбраната од страна на меѓународната Трансапренси Интенрешнл. Поради ваквата политика во поглед на борбата против корупција, создавање на интегритет и активна транспарентност, Северна Македонија стана втора земја од земјите на Централна и Источна Европа според интегритет во секторот одбрана. Успеавме на ова истражување, на оваа анализа да бидеме подобри од 4 земји членки на ЕУ и од 6 земји кои што веќе од поодамна се членки на НАТО Алијансата и  тоа покажа дека дури и пред да станеме членка на НАТО спроведуваме политики кои гледаат понапред и се поамбициозни од останатите“, рече министерката. 

Промовирајќи го новиот План за интегритет на Министерството за одбрана, за периодот од 2021-2024, министерката рече дека целта на неговата изработка е да се развие транспарентен одбранбен сектор со разработен систем кој што постојано секојдневно ќе гарантира интегритет.

Шекеринска информираше дека овој План за интегритет фокусот го става на системот за управување со човечки ресурси, спречувањето на судир на интереси, елиминирањето на ризици од корупција при учество во меѓународни мисии, зајакнување на интегритетот при јавните набавки, но и креирање на посилни механизми за внатрешна контрола.

„Транспарентноста и интегритетот се клучни состојки ако сакаме да развиваме т.н. отпорни институции и отпорни општества. А, токму оваа отпорност станува новиот НАТО приоритет. Отпорност кон кризи, отпорност кон проблеми кои што се увезени, отпорност кон дезинформации, отпорност кон надворешни влијанија – сето тоа можете да го создадете во општеството ако тоа општество и тие институции ги развивате со транспарентност и со интегритет. Овој План за интегритет не е само дел од нашата борба против корупција, туку и дел од нашата стратегија да развивме отпорно општество и отпорни институции“, рече министерката.

Министерката се заблагодари за силната заложба на тимот експерти во Министерството, на експертите од норвешкиот Центар за интегритет кои беа активно вклучени при изработката, како и на невладиниот сектор во земјава од кој беа добиени вредни совети за подобрување на Планот за интегритет. 

Норвешкото одбранбено аташе акредитирано за Северна Македонија, Даг Манде Лунде, порача дека фактот дека Северна Македонија неодамна стана членка на НАТО – Алијансата не значи дека процесот на реформи треба да запре, туку напротив, сите сојузници, стари и нови треба постојано да се фокусираат на доброто владеење и антикорупциските мерки.

„Важно е да се сведат на минимум факторите на ризик, преку зајакнување на институционалната отпорност. Сите ние мора да бидеме сигурни дека персоналот во одбранбениот сектор, цивилите, како и припадниците на војската, ги знаат и ги почитуваат правилата и прописите за интегритет со цел да се заштити интегритетот и да се овозможи почитување на неопходните високи стандарди. Тоа значи дека овој план е вреден дополнителен придонес и на Северна Македонија и на Норвешка за нашата Алијанса, како и за Програмата за градење на интегритет на НАТО, која се стреми да ги зајакне структурите за интегритет во сите институции на НАТО и во институциите на земјите –членки“, истакна Лунде.

Планот за интегритет 2021-2024 година е јавен документ кој може да се најде на веб – страницата на Министерството за одбрана каде јавно ќе бидат објавени и резултатите од извештаите кои ќе се изработуваат на секои шест месеци.