02/11/2024
Македонија

Јаневска: оптимизација на училишната мрежа за поквалитетно образование за секој ученик

Една од основните стратешки цели на Владата е да изгради поквалитетен образовен систем и за оваа намена планирано е зголемување на буџетските средства. Но, колку и да се зголемуваат парите што ги инвестираме во образованието, ако не се зголеми ефективноста и ефикасноста на расходите, тогаш не можеме да ги постигнеме посакуваните резултати.

 Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната конференција „Образование водено од реалните потреби на учениците – паметно инвестирање во наставниот кадар и инфраструктурата“, во организација на МОН, УНИЦЕФ, Светска банка и Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ во чиј фокус беше процесот на оптимизација на училишната мрежа.

 „Министерството за образование и наука со поддршка на УНИЦЕФ и Светска банка, во соработка со локалните заедници, секако и со Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, го спроведува процесот на оптимизација на училишната мрежа, почнувајќи од основните училишта. Наша цел е подобро да ги искористиме ограничените финансиски и човечки ресурси на начин што ќе овозможи поквалитетна настава во сите училишта, како и подобри постигнувања на учениците“, рече Јаневска.

 Информираше дека врз основа на сериозни анализи што ги опфаќаат сите општини, се утврдува колку е функционална училишната мрежа – колку и какви училишта има, колкав е бројот на ученици и на наставници, што треба да се направи во секоја општина и во секој регион за да се обезбеди поквалитетно образование. Како што рече, има училишта каде учат по неколку деца, изолирани од своите врсници, без современи нагледни средства или во многу стари објекти кои не задоволуваат ниту минимални образовни стандарди, но и за нив се плаќа наставен кадар, режиски трошоци, трошоци за одржување.

 „Сакаме да ја промениме оваа состојба во интерес на учениците. Оптимизацијата ќе им помогне на учениците да имаат пристап до училишта со подобри услови за учење, кои ги исполнуваат националните стандарди за простор, опрема и наставни средства за училиште. МОН заедно со БРО работеше да ги ажурира постојните стандарди за да одговараат на модерните трендови согласно потребите на учениците.  Ќе имаат бесплатен превоз и оброк и што е најважно – фер шанса за учење како и другите деца“, истакна министерката, додавајќи дека во процесот на оптимизација се користат меѓународни искуства.

 Оптимизацијата нема да остави ниту еден наставник без работа. Секој наставник ќе биде ангажиран во рамки на продолжувањето на престојот на учениците во училиште и ангажирањето со наставни и воннаставни активности за стекнување знаења, вештини и способности.

 „Во изминатиов период, 10 општини изготвија детални планови за оптимизација на училишната мрежа, и за таа цел беа спроведени консултации со сите засегнати страни вклучувајќи ученици, родители, училиштен кадар и општинска администрација. Во следниот период овој процес ќе продолжи во дополнителни 22 општини“, информираше министерката.

 При изработка на годишните програми за реконструкција и изградба на училишта, во иднина МОН ќе даде приоритет на инвестициите потребни за спроведување на оптимизациските планови.