Јаневска по повод Светскиот ден на учителот: Оваа Влада има големи очекувања од наставниците, но ќе им возврати за трудот и посветеноста
Наставниците ќе ги добијат заслужените повисоки плати, ќе имаат поголеми можности за кариерен развој, а подобрувањето на условите во кои работат е меѓу приоритетите на оваа Влада. Ова го нагласи министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на доделувањето на признанијата на најдобрите наставници во предучилишното, основното и средното образование во претходната учебна година, во организација на Сојузот на просветни работници.
Честитајќи им на наградените, Јаневска рече дека учителите, наставниците, професорите – се оние на кои им ги доверуваме нашите најмили за да ги научат да бидат добри, чесни и вредни, да им ги отворат вратите на знаењата и науката и да ги подготват за времето што доаѓа.
Министерката посочи дека оваа Влада има големи очекувања од наставниот кадар, но исто така и ќе им возврати за нивниот труд.
„Дозволете да ве потсетам дека нашите ученици на ПИСА и другите меѓународни тестирања не постигнуваат резултати какви што сакаме да бидат, и тоа мора да го поправиме. Затоа правиме суштински промени – го продолжуваме престојот на учениците во училиште, ги менуваме наставните програми, а во центарот на овие активности се наставниците. За да може да образуваат кадри кои утре ќе го носат развојот на оваа држава, наставниците мора да бидат стручни и платени“, укажа министерката за образование и наука Јаневска.
Министерството за образование и наука заедно со Бирото за развој на образованието ја утврдуваат динамика по која наставниците посетуваат акредитирани обуки и ќе го продолжат личниот професионален развој.
Говорејќи за платите, министерката Јаневска потврди дека ветувањето за повисоки плати на наставниот кадар нема да биде заборавено. Информираше дека за наредната година е планиран поголем Буџет за секторот Образование и наука, над 40 милијарди денари, што вклучува повисоки лични примања на наставниците и засилени капитални инвестиции.
„Сакаме во нас наставниците да гледаат доверлив партнер. Во тоа ќе се уверат во времето што доаѓа. А она што го бараме од нив за возврат е само најдобро што можат да ја работат својата работа и на децата да им го даваат најголемото и трајно богатство во животот – знаењето“, рече министерката Јаневска.
Признанијата во предучилишно образование ги добија Роза Костеска од детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид и Татјана Михајловска од детската градина „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје. Најдобри одделенски наставници се Станче Штерјовска од ОУ „Крсте Мисирков“ во Куманово и Виолета Петковска од ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид. Во предметната настава, признанието го добија наставничката по музичко образование Ана Цунева од ООМУ „Боро Џони“ во Струмица и наставничката по биологија Олгица Бајалџиева од ОУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје. Најдобар наставник во средно образование е Наташа Божиновска од СЕТУГС „Михајло Пупин“ во Скопје, додека пак, најдобри наставници од заедниците се прогласени Хатиџе Топали од ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ и Валентина Каранфиловиќ од СОУ „Гоце Делчев“ во Куманово.